Анастас Мишев

Анастас Мишев, информатичар

(р. 1971 г., Охрид, Македонија)

Еден од неколкуте пионери на грид-пресметувањата во Македонија, со визија како ќе се развива оваа технологија во иднина.

Анастас Мишев е доцент на Институтот за информатика при Природно–математичкиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Дипломирал на Институтот за информатика во 1996 година, а магистрирал на истиот институт во 2002, на тема поврзана со паралелизмот кај компјутерските архитектури. Во 2009 година докторирал на тема од копмјутерските гридови и грид-пресметувањето. Остварил голем број научни престои во значајни европски универзитети и истражувачки центри.

Учествувал во реализацијата на преку 25 меѓународни проекти, финансирани од ТЕМПУС, ФАРЕ, ДААД и ФП програмата, а поврзани со развојот на информатичката инфраструктура и со информатичкото образование. Во моментов е координатор на еден ФП7 проект, поврзан со процесирање со високи перформанси (High Performance Computing).

Во фокусот на неговите истражувања се инфраструктурите за колаборативно пресметување и истражување, а пред сè грид и системите за пресметување со високи перформанси. Негова цел е овие системи да се доближат кон сите потенцијални корисници, пред сè кон истражувачките заедници, за да може во целост да се искористи огромниот потенцијал што тие го нудат.

Автор е на преку 35 научни и стручни трудови објавени во меѓународни списанија и зборници од конференции, а одржал и над 25 презентации на научни и стручни собири и работилници. Член е на неколку здруженија од областа на иформатиката (IEEE, ICT-ACT).

Ужива во музиката, фотографијата и моментите споделени со неговите деца.
Повеќе за него на http://twins.ii.edu.mk/anastas