Што значи „Скопје“ во TEDxSkopje

Називот TEDxSkopje значи дека конференцијата ќе се одржи во Скопје, но не и дека ќе се однесува директно или единствено на Скопје, ниту пак дека Скопје е главна тема за дискусија. Па така, се обидовме да дојдеме до личности од нашето општество кои имаат идеја што е важна за нив, но и важна за секој од нас, па и за целиот свет. Со тоа, Скопје ќе даде свој придонес кон светската TEDx-мрежа, односно ќе се вклучи во размената и ширењето на идеи во вистинска смисла.

TEDx е нова програма која им овозможува на локалните заедници како училишта, фирми, библиотеки, општини, неформални групи на граѓани, па дури и индивидуи да осмислат, организираат и одржат независен настан налик на TED. TEDx-настаните може да се одржуваат на неколку нивоа, регионално, државно, градско или локално или на ниво на институција. Се разбира, конференциите може да бидат водени и од некаков слоган или мотив за генерална ориентација кој дава насока, но овозможува и широка интерпретација, иако тоа не е правило. Доколку пак, се одржува конференција на зададена тема тогаш само таа тема се разработува преку излагањата на предавачите.

Ние решивме да не зададеме никаква тема, ниту насока, туку им објаснивме на говорниците дека, како и TED, TEDxSkopje е платформа на која тие може да ги изложат своите најлични идеи односно да зборуваат за тоа за што тие мислат дека е најважно да се зборува.

Ние како организатори не застапуваме никаква политичка, економска, етничка или верска програма. Единственото нешто за што се залагаме е поткревање на интелектуалното ниво на јавните дискурси во нашата средина. Преку оваа конференција сакаме да создадеме чиста и отворена платформа за разговор на теми кои нè засегаат сите нас лично и кои се од светско и антрополошко значење.