Никола Узуновски

Никола Узуновски, ликовен уметник

(р. 1979, Земун, Србија)

Рушејќи ги границите помеѓу науката и уметноста, Никола Узуновски спаѓа во групата уметници кои ревносно ја следат својата идеја како главна референца во општиот поредок на нештата.

Никола Узуновски е мултидисциплинарен истражувач и уметник, а неговите проекти се градени врз основа на долгогодишни истражувања во соработка со професионалци од различни милјеа. По завршување на средното училиште за применети уметности во Скопје, Узуновски го продолжува своето образование на Ликовната академија во Неапол, па потоа во Хелсинки и на Универзитетскиот институт за архитектура во Венеција.

Низ смели и досетливи провокации кон публиката, тој ги истражува односите помеѓу индивидуалноста и општеството, интимното и околината, секогаш успевајќи гледачот да го постави во улога на протагонист.

Во проектот „Моето сонце“ (My Sunshine), чија цел е да создаде објект налик на сонце, својата страст за физика и инженерство Узуновски ја спојува со уметноста. Во 2009 година, тој беше еден од најмладите национални преставници на 53-тата Меѓународна изложба во Венеција, каде со овој проект ја претстави Република Македонија.

Неговите проекти се претставени во реномирани институции на современата уметност насекаде низ Европа. Добитник е на многубројни награди, грантови и уметнички резиденции.

uzunovski.com

my-sunshine.eu

„Со екстрамната редукција на екпресивните методи и централната улога на вербалниот јазик, делата на Никола Узуновски покажуваат јасно потекло од концептуалната уметност. Сепак, овде не станува збор за класична рефлексија на уметноста во самата себе, бидејќи Узуновски повеќе се концентрира на непосредната околина, и светот на природните и психолошките феномени, наведувајќи го гледачот да ја изостри својата перцепција и да стекне поголема свесност за реалноста.“
- Ирене Калдерони