Небојша Вилиќ

Небојша Вилиќ, историчар на уметност

(р. 1962 г., Велес, Македонија)

Небојша Вилиќ непрестајно и неуморно се вложува во иницијативи за покревање на стандардите во нашата академска и граѓанска култура.

Д-р Небојша Вилиќ е историчар на уметноста и редовен професор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Од 1981 до 1985 студирал на Наставно-научната студиска група за историја на уметноста со археологија на Филозофскиот факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во 1985 ја одбранил дипломската работа на тема „Проблемот на перспективата во ренесансното сликарство од 15 век“. На постдипломски студии се запишал 1987 на Институтот за историја на уметноста со археологија при Филозофскиот факултет во Скопје, насока нововековна ументост, а од 1989 студиите ги продолжил на Одделението за историја на уметноста при Философскиот факултет во Белград, насока модерна уметност. На истото Одделение го пријавил и во септември 1993 го одбранил магистерскиот труд „Уметноста на осумдесеттите во Македонија“, под менторство на проф. д-р Јерко Денегри. Под менторство на истиот професор и на истото Одделение, во ноември 1996 ја одбранил докторската дисертација на тема „Предметот во уметноста на 20 век“. Од октомври 1988 до мај 1996 работел на Институтот за историја на уметноста со археологија на Филозофскиот факултет во Скопје, како помлад асистент по предметот историја на уметноста на македонскиот народ XV-XX век, односно историја на уметноста на македонскиот народ од 1900 до денес. Од јуни 1996 до ноември 1997 работел како стручен соработник при истиот Институт. Во 1997 избран е за доцент, во 2002 за вонреден, во 2007 за редовен професор на Факултетот за драмски уметности каде што е ангажиран за изведување на наставата по предметот историја на уметноста. На постдипломските студии по театрологија при Факултетот за драмски уметности ја изведува наставата по предметот дискурси за визуелноста. Во периодот 1993-96 изведувал настава на Факултетот за драмски уметности по предметот историја на уметноста. 2005-10 ангажиран е и како надворешен соработник на Факултетот за ликовни уметности во Скопје за предметната програма историја и теорија на уметноста. Истата година станал член на Агенцијата за евалуација на Одборот за акредитација на високото образование во Република Македонија.

Од септември 1986 до септември 1987 работел како уредник на ликовната програма во Домот на младите „25 Мај“ во Скопје. Член на македонското здружение на ликовни критичари AICA од 1993. Како директор на Сорос центарот за современи уметности во Скопје, бил ангажиран од 1994 до 1998. Oд 1999 е претседавач на ЗГ „359° – Мрежа за локални и субалтерни херменевтики“, Скопје и главен уредник на списанието „Concrete Reflection. The Journal of Peninsular Topics“. Во периодот 2000-03 раководи со „степен галеријата“ при Културната локација „Место“. Во периодот 2003-5 година член е на Советот за култура на министерот за култура на Република Македонија, а Член е и на неколку одбори и совети за проекти врзани за локалните и регионалните културни политики.

Автор е на околу 180 текста, 11 книги/публикации и приредувач на уште 6 други. Курирал околу педесетина изложби во Републиката и во странство, а учествувал на повеќе од 40 меѓународни симпозиуми и конференции. Последните седум години работи на истражувањето на тема „Политичка уметност“ коешто се однесува на позицијата на „уметноста со релација“ со/во/од/за социеталната заедница.

www.nvilic.blogspot.com

„Неговиот истражувачки интерес е како храброто нурнување во непознатото и неизвесното на Курт Расел во филмот ‘Бегство од Њујорк’“
- Бранислав Саркањац