Никос Чаусидис

Никос Чаусидис, археолог

(р. 1959 г., Ташкент, поранешен Советски Сојуз)

Во своите истражувања се фокусира, пред сè, на транспозициите на симболот, митот, религијата во визуелните и ликовните медиуми

Во 1984 година дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје, на Институтот за историја на уметноста и археологија, каде во 1992, се здобил со звањето Магистер на археологија, со магистерскиот труд под наслов „Паганската религија на Јужните Словени и нејзиниот одраз во нивната материјална култура“. Во 2002, се здобил со звањето Доктор на археологија, со дисертацијата „Рано-средновековните двоплочести фибули и претхристијанската духовна култура на Словените“. Од 1986 година работи на овој институт, прво како асистент, а подоцна како доцент и професор. Држи настава на Филозофскиот и Филолошкиот факултет по предметите: Ликовна семиотика, Музеологија, Занаетчиски технологии и конзервација, Археологија – општ курс и Историја на културата на Македонија.

Бил раководител и соработник на повеќе истражувачки проекти од областа на археологијата, етнологијата и антропологијата. Учествувал на повеќе научни симпозиуми и конгреси со државен и меѓународен карактер. Во своите истражувања се фокусира, пред сè, на транспозициите на симболот, митот, религијата во визуелните и ликовните медиуми, и тоа особено во рамките на праисториските и средновековните пагански традиции на балканските и словенските популации. Автор е на над 80 научни публикации, објавени во стручни списанија и зборници во Македонија и странство.

Покрај обврските на универзитетот, Никос Чаусидис е член и на Македноското археолошко научно друштво и еден од уредниците на Археосемиотика semiotika.arheo.com.mk.

„Нема никаква дилема дека Никос Чаусидис, според она што го напишал во двата тома на „Космолошки слики“ е македонскиот Елијаде. Оние кои знаат што е културна антропологија, етнологија, митологија и симбологија ќе разберат што сакам да кажам: имаме стручњак од светски формат во личноста на Никос Чаусидис, кој и со претходната своја студија („Дуалистички слики“) покажа дека му припаѓа (не само по вокација и по квалитет) на истото семејство на кое му припаѓаат и светските величини на мито-симболозите и антропо-етнолозите од типот на Строс, Фрејзер, Касирер, Елијаде“.
- Венко Андоновски