Роберт Смилески, фотограф и патувач
Роберт Смилески дипломирал на Машинскиот Факултет во Скопје. Во текот на својата деловна кариера животот му скршнувал на неколку поголеми раскрсници па така работел во неколку разнородни индустрии, за светски компании како; Бритиш Ервејс, Т-Мобајл, Холанд-Америка и моментално во фирмата Кнауф во Скопје, како нејзин маркетинг советник за пазарите во Македонија, Албанија и Косово. За време на студиите престојувал на неколку студиски престои низ Европа и Азија.
Изминативе 20 години тој патува со страст низ сите континенти на светот во организација и режија единствено на сопствената желба. Всушност последните договори околу неговата презентација на ТЕДх Скопје ги правиме додека тој патува со својата сопруга низ Бурма. Неговите патеписи и патувачки фотографии од егзотични дестинации ги споделува со македонската јавност веќе 6 години на еден нему својствен начин. Ги намотува далечините на клопчето на љубопитноста, а потоа ја раскажува и одмотува скапоцената нишка пред оние кои сакаат барем за момент да отпатуваат и тие таму некаде…
„Роберт Смилески не е патувач по професија, иако тоа би можел да биде од утре, кога такво работно место би се внело во стварноста, директно од списокот на мечтите. Скопјанец со светски крвоток, кому патувањата му го регулираат „притисокот“ на секојдневието, а далечините се тегот што му недостасува за совршена рамнотежа на вагата на неговата личност. Кога пишува, мислите дека е роден за пишување, кога фотографира – дека е роден за фотографирање, кога раскажува – …за приказни, кога молчи – мислите дека е роден да не проговори ниту еден единствен збор.“ – Оливера Ќорвезироска.
"" ""