Лиценца

TEDxSkopje е независено и самостојно организиран настан. TED ја доделува лиценцата за организирање на конференција по нивниот модел, со јасно одредени упатства, насоки и правила, како и брендот TEDx, со што настанот се вклучува во светската мрежа на TEDx-конференции. TEDx-лиценцата ги одредува строгите параметри за зачувување на извонредно ефективниот формат на самите презентации, а и конференцијата воопшто, но уште поважно е што го носи духот на TED во нашата земја.

Нашата лиценца предвидува еднодневна конфернција, со можност за промотивни и последователни настани и активности. Официјален носител на лиценцата е Васко Цацаноски, кој лично аплицираше во име на сите подржувачи на иницијативата, додека за административните потреби на конференцијата стои Скопското астрономско друштво како правно лице.

Важно е да се спомне и дека иако ние имаме лиценца да организираме TEDx-конференција во Скопје, со назив TEDxSkopje, тоа не значи дека само ние имаме право да организираме вакви настани во градот или во нашата земја. Секој може да аплицира за лиценца да организира TEDx-настан. Нашата цел е TEDxSkopje да се утврди како годишна конференција, но секогаш постои можност, доколку постои и интерес, во текот на една година да се организираат повеќе вакви настани, на ниво на институции, во другите градови или на национално ниво, или пак тематски. Во многу земји се одржува повеќе од една конференција во годината, а во некои бројката на TEDx-настани е и до неколку десетици годишно. Секако, доколку има друга иницијатива да се организира ваков настан, ние ја нудиме сета наша помош, искуство, информации и каква и да е поддршка и соработка.

Од сите ограничувањата кои оваа лиценца ги одредува, веројатно најострото правило е ограничувањето од максимум 100 посетители во публика, односно гледачи кои не се вклучени во организација, поддршка и изведба на настанот. Исто така, никој освен оргнизаторот нема дозвола да снима и фотографира во салата за време на конференцијата. Снимените говори и фотографиите ќе се објават во согласност со правилата на TED, под брендот TEDx и creative commons лиценца.