Јан Зијлстра

jan

Јан Зијлстра, Sustainability explorer

Интересите на Јан за различните култури во светот долги години го инспирирале да патува, работи и живее во Европа, Азија, Австралија, Централна и Јужна Америка. Престојувањето во природа и средбите со многу мудри луѓе од разни култури и средини, го направиле свесен за тоа дека треба колективно да се посветиме на поодржлив начин на живот. Притоа тој осознал дека пермакултурата е одличен модел за практична примена на тој светоглед и почнал и самиот да го применува.

Јан е ученик на Бил Молисон и Џеф Лотон, зачетниците на пермакултурата, и има посетувано повеќе обуки поврзани со пермакултурен дизајн и градење со природни материјали. Неговото формално образование вклучува Управување со човечки ресурси, Total Quality management, Ефективен менаџмент и Електро-инжинеринг.

Неговото работно искуство е разновидно и вбројува ангажмани како консултант за управување со промени, генерален менаџер на меѓународна компанија за управување со податоци, личен коуч, пермакултурен дизајнер, волонтер кај Мајка Тереза во Колката, работник на органска фарма, тренер и инструктор за пермакултура и градење со природни материјали.

Во моментов Јан е вклучен во создавање и развивање на одржлива заедница во Македонија, преку организирање практични работилници, курсеви и презентации за пермакултурата и урбаното градинарство. Тој исто така држи обуки за градење со природни материјали и за свесност за природата и животната средина.

Јан е ко-оснoвач на здружението Кален и ја води компанијата за одржлив развој Синтеса+.

Мисијата на Кален е да обезбеди платформа за негување идеи и практики за креативно изразување, одговорно еколошко однесување и лично и духовно исполнување, кои водат кон одржливи и здрави начини на живот. Синтеса+ нуди наменски совети и помош за оние кои сакаат да го променат својот животен стил и средина на поодржлив начин. Јан е исто така еден од оснoвачите и в.д. претседател на Ајде Македонија, асоцијација за здрава и чиста животна средина.

Најбитното остварување на Јан е тоа што е среќен со животот што го живее.